Второто издание на The Bridal Fashion Night што вчера се одржа во „Александар палас“ во организација на Моден викенд Скопје, откри различен спектар на предлози за фенчални фустани и свадбена облека. Настанот содржеше шест модни ревии на кој венчаници претставија Lidiya Georgieva&Zili, Elisabeth design studio, Atelier Maria Antoinette, ателје „Ал Апарел“, Emili exclusive design и модната куќа „Менакон“ од Косово, кои понудија разлини модни погледи од романтични со силуета од 20-тите години, преку раскошни кринолини во стилот на Марија Антоанета до класични венчални фустани.
Лидија Георгиева и „Зили“ покажуваа дека венчалниот фустан не мора секогаш да изгледа гломазен и кринолинест, туку романтичен, деликатен и со палета на пастелна тонови преземени од боите на слатка шеќерна волна. Дизајнерката ја задржува својата препознатлива силуета од 20-тите години и врз неа гради рафинирани макси и миди фустани од меки и лелеави ткаенини како свилен муслин и нежна тантела, а се укарсени со сребрени светки и цветни апликации. Креациите се рачно изработени од страна на Георгиева и Весна Георгиевска од „Зили“ и нудат поинаков стилски предлог за идните невести. Стајлингот е финиширан со неконвенционални маски/ украси за коса. Според Лидија кроевите на венчалните и коктел фустаните се иснпирирани од неколку периоди од романтичната историја на Европа. Дизајнерката секогаш внимава на сценскиот настап и овојпат ревијата беше проследена со видео, краток жонглерски перформанс и музика специјално избрана од парискиот дицеј о организатор на познатите забави Ајс Нид Шугар, Бруно Пеги.
Со свечени креации во црвена, темносина и крем-жолтеникава боја почна ревијата на Emili Exclusive Design од Струмица. Покрај тоалетите за гостите на свадбената церемонија, Емили Пишева Гоџирова претстави и неколку венчаници за пролет-лето 2015 година. Белите невестински фустани се во различни форми: сирена модел, крој од 50-тите, како и раскошни барокни, класични венчаници, збогатени со рачни везови, со цветови, бисери, светкава мониста и пердуви.
На третата ревија на Еlizabet design studio, што функционира речиси две децении беше промовирана колекцијата за пролет -лето 2015 година наречена „Букет со камелии“. Во линијата е направено стилско шаренило, со модел соодветен за идни невести со различни вкусови, од храбри, што преферираат миникреација, преку такви што сакаат ретро модели, сè до љубителки на вечна класика и елеганција. Во линијата доминита тантелата, украсена со ситни цветни елементи, циркони и везови.
За престојната пролет-лето сезона Atelier Maria Antoinette ја промовира својата колекцијата „Кралица на розите“. Покрај венчаниците од ателјето подготвиле и свечени креации во крем, шеќерно розова, црно-бела и темноцрвена боја. Моделите се раскошни, со нагласен волумен и богата рачна изработка.
Во колекцијата „Рефлексија“ на ателјето „Ал Апарел“ застапени се форми и елементи инспирирани од фолклорот преточени во современ, модерен стил. Повеќеслојните креации, иако навидум се класични, сепак имаат модерен израз, со мал, но значаен експеримент во комбинирање на стилови и материјали.
Вечерта посветена на невестите заврши со ревијата на модната куќа „Менакон“ од Косово чии креации се достапни и во Македонија, во бутикот Adora for You во Тетово. Раскошни и богати со многу светкави елементи, со беспрекорна изведба, барокните креации се неменети за девојки што сакаат да се чувствуваат како принцези на својата свадба. Линијата ја одбележа играта со бисерно-белите и златните тонови, кои нудат луксуз и впечали изглед.
На последната ревија „Nescafe Dolce Gusto“ подготви изненадување во вид на подарок- апарат за кафе за една од идните невести во публиката која ќе го фати бидермаерот. Пејачката Тања Царовска која живее и работи во Лондон си замина дома со подарокот. Креациите ги носеа манекенките од модната агенција „Подиум“ надополнети со накит од „Ристески“ кои со години рачно изработуваат уникатни парчиња од охридски бисери. Oфицијален мејкап партнер на настанот е „Gosh“ а за фризурите се погрижи „Professional Trend up“ во соработка со фризерските студиа „Кул Кат“ и „Бубе Студио Ин“ . Амбиентот го декорираа „Каталеја“ и „Casamento“. Комплетно уживање и удобно возење на идните сопружници и овој пат им овозможи „Peugeot“ кое е официјално возило на ноќта посветена на венчавката како свечен чин.
Нема коментари