Интернационалниот модел Сара Стои која веќе четири години ја гради својата кариера, неодамна настапи на божанствената модна ревија на светски познатиот бренд Долче и Габана во Ријад, Саудиска Арабија. Маестрално организирана во Хитин Палата дизајнерите ја покажаа најновата нивна колекција која вклучи накит и други модни додатоци.
Нашата манекенка Сара имаше исклучително успешна година работејќи ревии и на други познати модни брендови како Рокобароко, Лаура Бјаџоти и Хуи. Сара е дел од агенцијата на Јелена Ивановиќ (JS Management) која успешно ја застапува на светскиот моден пазар, па така минатата година склучи договор и со престижната модна агенција Next Management од Милано.
-Ревијата за Долче и Габана беше клучен момент за нашиот модел да ја заокружи годината, бидејќи сите знаеме дека моделите сонуваат да бидат дел од еден ваков светски познат бренд. Да се подсетиме дека пред две години и Ивана Манас работеше ревија и кампања за овој дизајнерски двоец. Сара Стои со својата грациозност и префинета убавина полека но сигурно го освојува модниот свет, ние сме тука да ја поддржиме, да ѝ посакаме уште многу успеси и да бидеме горди на нејзиниот раскошен талент и убавина – велат од нејзината матична агенција Моделс ИН Менаџмент од Скопје.
Нема коментари