Пролетта со сите нејзини убавини и бои била инспирација за новата колекција на младата креаторка Сара Реџиќ. Дваесетте модели премиерно ќе бидат претставени на Моден викенд – Скопје в недела (2. април), со почеток во 20.30 во салонот „Порше Македонија“. Пред ревијата Сара одговори на модниот прашалник на Stylist.mk.
*Новата колекција е именувана…Spring Fairy.
*Инспирација за моделите ми беше… самата пролет која во луѓето го буди најубавото. Се обидов на мој начин да ја доловам пролетта со сите нејзини убавини.
*Се трудам да користам…. природни материјали за моите креации. Секое годишно време со себе ги носи своите бои, па така пролетта донесе ведри и весели бои, шаренило.
*Креациите се наменети… за модерни жени кои го сакаат бохо-романтичниот стил на облекување и кои пред сè сакаат да се чувствуваат слободни во она што го носат.
*Мојата модна приказна почна… од моите студентски денови. Сакав да се занимавам со кроење и шиење на убави разиграни парчиња. Студирањето на Правниот факултет не ми помагаше многу на оваа тема па така пред 5 години започнав сопствен бизнис -бутик со женска гардероба каде што изложував и мои дизајни. Пресвртница за мене беше учеството на Саемот на жената каде што на еден мал штанд ги изложив своите креации…На посетителите им се допаднаа моите парчиња, мене ми се допадна што сум дел од сето тоа. Со тек на време мојот бутик стана атеље каде сега ги изложувам само моите дизајни.
* Најважните досегашни професионални ангажмани… Константно работам, моите колекции ги претставувам преку фото сесии, се трудам за секоја сезона да направам нешто ново и различно. Како позначајни ангажмани на ова поле можам да го издвојам моето учество на Bitola fashion week и Skopje Design week каде што се претставив со мои колекции.
* Препознатлива сум по креациите…На моите креации сакам да додавам различни детаљи, рачно изработени, со тоа го ставам својот печат кој веќе во мојот град го препознаваат.
* Омилена техника за создавање креации ми е…Покрај кроењето и шиењето, рачното плетење и везење се мои омилени техники кои што ги збогатуваат креациите и прават уникатни.
*Мој моден идол или инспирација…Инспирација пронаоѓам во секојдневието. Во опкружувањето, во луѓето, бидејќи секој е посебна приказна, а мојот моден идол дефинитивно е Коко Шанел и нејзината животна приказна.
* Моето атеље се наоѓа во непосредна близина на центарот на градот, на ул.Никола Тримпаре 60. Таму ќе може да се најдат кеациите по ревијата на Моден викенд.
Нема коментари