Медиумите вчера повторно ја отворија темата за нов главен уредник на американското издание на Vogue и повторно го поврзаа името на актерката Сара Џесика Паркер за приказната. Иако подолго време се шпекулира дека познатата актерка ќе биде ангажирана во модниот магазин на местото на озлогласената Ана Винтур, полутаблоидниот Radar Online вчера објави дека од сигурни извори дознал дека „Кери Бредшоу“ најверојатно ќе го води Vogue. Порталот тврди дека Ана Винтур планира шема како да ја донесе својата блиска пријателка на челното место на најпознатиот моден магазин, а таа да се фокусира на глобалното уредување на сите изданија на Conde Nast, компанијата што ги публикува Vogue, Glamour, W, Lucky, GQ, Allure, Vanity Fair и многу други престижни списанија. Или евентуално Винтур ќе стане американски амбасадор во администрацијата на Барак Обама.
Според анонимен, но сигурен извор, Radar Online објави како Винтур верува дека го нашла вистинскиот наследник. „Тоа е изненадувачка идеја, но не е целосно шега. Ана мисли дека Сара Џесика, модната икона на „Сексот и градот“, навистина го има она што е потребно за да дојде на нејзино место и многу скоро да ја преземе улогата на уредник во Vogue“, пишува Radar Online. Но, утрово британскиот весник Daily Mail ексклузивно објави дека не е точна информацијата за Сара Џесика Паркер за нов уредник на Vogue. Новинарите на весникот ги контактирале своите колеги во американскиот моден магазин и го добиле следново соопштение: „Ана и Сара Џесика долго време се блиски пријателки, но никогаш не се дискутирало за тоа актерката да дојде на позицијата на Ана во Vogue“.
Сара Џесика Паркер во неколку епизоди од серијата „Сексот и градот“ глумеше соработник на списанието Vogue, впрочем и авторката на серијата, Кендис Бушнел, своевремено работеше во Vogue под водство на Ана Винтур. Сара Џесика важи за модна икона не само преку ликот на Кери Бредшоу, туку и во приватниот живот, а ја интересира и дизајнерската работа и неодамна промовираше своја линија на чевли за Маноло Бланик.
Нема коментари