Иако на изглед се грди и немаат допирна точка со актуелната мода, Teva (Тива) сандалите се многу актуелни на „Инстаграм“. Овие унисекс спортски обувки, кои имаат нов, поминималистички изглед, очигледно се исклучок од правилото дека трендовите се иницираат на модните писти, едиторијалите или блоговите. Тие се наметнуваат како тренд преку оваа социјна мрежа за споделување на фотографии со ретро-ефекти.
Станува збор за сандали кои првпат се најдоа на пазарот пред 30 години. Низ годините повеќе беа носени од мажите, заради нивната гломазност, но полека се пробија и во женстаа мода, пред сè поради удобноста. Тие се идеални за подолги прошетки и патувања. Веројатно почесто ги имате видено на нозете на странски туристи на плажите, за кои удобноста е приоритет, пред дизајнот.
Изминативе неколку години Teva сандалите добија нов изглед, со ремени кои повеќе не се само сиви, маслинести или кафени, туку ќи ги има во виолетова, сина, розова, црвена, жолта, портокалова и зелена боја. Тие се потекни и подобро ја следат линијата на ногата. Имаат два платнети ремени што ја држат цврсто ногата за гумениот ѓон, кој обично е подебел, и еден ремен од страната кој ги врзува двата други. Се подесуваат и закачуваат со лепенка.
Варијации на овие модели можевме да видиме на модните писти, на ревиите на „Прада“ и „Шанел“ за сезоната пролет-лето 2014, а сè почесто ги красат и стапалата на блогерите. Сè уште ја имаат таа груба појава, но останува дали повеќе сакате удобност или дизајн.
Нема коментари