Направете промена во начинот на кој ја носите, но и на кој ја прифаќате и сфаќате облеката што ја носите, и заинтересирајте се за нејзиното потекло, како е направена, кој ја направил и дали во процесот на производство ја загрозил планетата. Грижата околу овие прашања станува сè повеќе актуелна и често клучна, што ги поттикна светските, но и македонските дизајнери да се приклучат на еко-концептот во модата. Креаторкта Ивана Кнез неодамна ја претстави линијата Salve од рециклирани и реупотребени материјали, под истото име ја креира и пролетната еко-колекција во која има избор од цветни фустани и бомбер јакни, преку бел костим во стилот на минимализмот од 90-тите до џинс со знакот на Lovecats и блуза со порака „дека само љубовта ќе не раздели“. Кнез за Salve Spring 2017 подготви и оваа фотосесија со манекенката Ана Ежова.
Дизајнерката ни откри дека станува збор за еко колекција со контролирано потекло и од парчиња со позитивен сензибилитет наменети за модно освестени жени со изразена индивидуалнсот. Материјалите се рециклирани и користени се 3Д принтани материјали со потекло од Дубаи.
-Salve Spring 2017 е концепт колекција што ги следи правилата на slow fashion преку силен бренд идентитет. Таа е порака раскажана преку избор на едноставен стил, насочена кон свежи ликови со силна животна идеологија. Придвижи се, делувај и направи промена за себе. Спаси го човештвото – ја објаснува дизајнерката пораката зад колекцијата.
Кнез се огласува против брзата мода, конзумерството повеќе од нашите реални потреби, барањето површни задоволства и заборавањето на главниот идеал на овој свет – љубовта. Таа смета дека промената е во секој од нас и порачува „Постапувајте внимателно, купувајте совесно, конзумирајте во рамките на вашите вистински потреби“.
-Оваа колекција е љубовна. Ја направив со љубов, за луѓето со љубов. Љубов прво за себе, па потоа за целиот свет – вели Кнез.
Нема коментари