Лоциран на маргините на еден прометен булевар во центарот на Тетово, новиот бар SHENDeVERË за кратко време ги привлече младите и талентираните личности кои претставуваат своевидна современа боемска публика на градот. За SHENDeVERË пред неколку дена пишуваше рускиот сајт Buro 24/7, кој го опишува како привлечно, модерно и пространо место каде се собираат креативци, уметници и музичари. На проектот работеа дизајнерите од архитектонското студио на Бесијан Мехмети, освен Мехмети, тука е Арменд Хебипи, Бисера Крчковска, Стефан Атанасовски и Христијан Ивановски. Тие просторот го замислија како дијалог меѓу темните тонови на сива и топлите бои на дрво, во кој доминираа подигнат подиум, една долга дрвена маса, интересни столици во црна и бела боја, и декорации од дрво на ѕидовите, кои на одредени места се обоени во интензивно тиркизна боја. SHENDeVERË не е само конвенционално кафуле каде се доаѓа само на пијалок, туку место каде се разменуваат креативни идеи, се стимурира културниот живот на тетовчани и кое овозможува угодна атмосфера за дружење со интересни луѓе. Текстот подоцна го пренесе и хрватската верзија на Buro 24/7, а за изгледот на овој бар пишуваше и архитектонскиот сајт Archdaily.
Нема коментари