Уникатност и квалитет, акцент на индивидуалноста и на одржливоста во модата се клучните атрибути на македонскиот бренд Румор. Овие атрибути се вклопени и во новите креации со потпис на Румор, зад кои сезонава водечката мисла е I know what I’m and I know what I’m not (Знам што сум и знам што не сум). Во продавницата на Румор сега ги има и колекциите на Emanù и на Bastet Noir, a фокусот на сите три бренда сезонава е на одрживата мода, реупотребата на материјали, рачната изработка, поддршката на локалните дизајнери и социјалното претприемништво. Новата колекција на Румор е претставена преку фотографиитe на Ани и Дими и стајлингот на Милена Танаскоска, а од брендот нагласуваат дека секоја недела ќе има достава на нови креации, па најмудро е почесто да ја посетувате нивната продавница за да не пропуштите некое уникатно парче.
-Румор како бренд постои три години, првата продавница беше отворена во Охрид, потоа после три успешни pop-up изложби во галеријата Акантус, конечно минатата година одлучивме да отвориме продавница и во Скопје. Идејата на Румор е мода која што не претставува секси преку разголено, туку секси преку сопствен стил и индивидуалност. Ова се однесува за нашата женска публика, за машката, напротив, се стремиме кон ослободување од типичниот мачо италијански стил – изјавија од Румор.
Сите колекции на Румор, иако на прв поглед различни, во себе носат неколку заеднички нишки. Тие се Niche колекции, дизајните се инспирирани од индивидуалноста, а главната заложба секогаш е квалитет, квалитет, квалитет! Потоа од брендот се грижат 90% од материјателите кои ги користат да се произведени во Италија, изработени во ателје за висока мода, да не се сезонски, туку вонвременски.
-I know what I’m and I know what I’m not e нашата водечка мисла за оваа сезона. Да се остане уникатен, индивидуален, не само однадвор, туку и одвнатре – вистинскиот за себеси е главната инспирација. Во време на масовна модна продукција и инстанти гратификации, нас нè интересира како можеме да погледнеме надвор од тоа и да се вклопиме во глобалната борба за човековата околина и одржлива мода. Тие се составени од повеќе параметри, меѓу кои што нас нè интересираат рециклирање и fairpay and equal pay. Време е жените да заработуваат повеќе од мажите – велат од Румор.
Во склоп на овие идеи од Румор решиле да соработуваат со домашните брендови Emanù и Bastet Noir.
-Во нашата In House колекција сезонава продолживме со препознатливите оригами шнитови, со кои навидум парчињата изгледаат едноставно и класично, но содржат скриен неочекуван детаљ. На класичната облека ѝ даваме уникатна нота. Со машката мода отидовме во друга насока, се вративме во 90-тите години и таа е под влијание на street style модата. Овие две идеи најдобро се вклопени во нашата голема селекција на унисекс блузони. Кога сме кај уникатноста, доставата на парчиња ќе биде секоја недела на нови модели во мали количини. You snooze, you lose – порачуваат од Румор.
Во концептот на Румор е вклучена и стилистката Милена Танаскоска, која после неколку соработки со брендот и препознавањето на заедничките идеи, сега е на позицијата моден директор на колекции во Румор.
-Покрај креативниот удел нејзина одговорност е да се грижи за јавното лице на Румор. Анонимноста понекогаш е многу благодарна работа за останатото – велат од Румор.
Продавницата на Румор се наоѓа во Дебар Маало, во улицата на еспресо студиото 7 грама. Селекцијата на брендови секоја сезона зависи од нивната генерална инспирација, која што секогаш е поврзана со социјално-економските движења на глобално ниво. Сезонава, освен нивната In House колекција, во Румор можете да најдете парчиња на Ристо, Луј Витон, Кензо, Монографи, Фјоручи и Сегрид.
-Многу сме селективни за облеката во нашата продавница. Во моментов работиме со ателје кое што рачно изработува парчиња за High End структурата на модата и на чии што етикети стои Made in Macedonia, парчиња облека кои што стојат заедно до парчињата на кои пишува Made in France and Made in Italy, а тоа кажува за вредноста и цената на рачната изработка. Артизан изработката е секогаш најценета и среќни сме што конечно е прифатена на нашиот пазар. Се надеваме дека нема да е моментален тренд, туку ќе е трајно – сметаат од Румор.
Фотографија: Ани и Дими/ Стајлинг: Милена Танаскоска/ Модели: Викторија Ристовска и Стефан Симоновски/ Шминка: Зорица Николова
Брендот Emanù и колекцијата Terra во Румор
Сезонава Румор соработува со младата дизајнерка која се потпишува под брендот Emanù и е дипломка по моден дизајн на Академијата за уметности L.A.B.A во Италија. Првите реализирани креации ги имала во текот на студиите, со кои учествувала на различни модни настани, една од позначајните е групната изложба Risvolti del abito, на која дел од нејзината дипломска работа - фустани рачно изработени со техника на мулаж, биле претставени како дел од концептот на парче облека во рамките на градскиот музеј во Римини. Во еден период се насочила на фотографијата, а на дизајнот му се враќа со изработка на накит од остатоци на различни видови материјали.
-Предизвикот за нови проекти ме донесе до работилницата за рециклирање на деним, како еден од водечките загадувачи во текстилата индустрија, и реставрирање на стари парчиња мебел. Учествував и во проектот Sustainable Story за одржлива или екомода, каде се работеше со текстилен отпад од неколку фабрики во Македонија. Со примена на различни рачни и техники на шиење создадов мала колекција која беше претставена на Модниот викенд во Скопје – ни рече дизајнерката.
-Свесни сме за загадувањето од текстилниот отпад што се случува, исто така и масовната продукцијата на облека во светот, неетичкиот начин на работа кој за жал е се позастапен во текстилната индустрија. Токму поради тие причини настана брендот Emanù. Капсулната колекцијата Terra е инспирирана од елементите во природата, изразени во различни текстури, материјали и рачни техники. Капсулната колекција е надополнета со рачно изработен накит од рециклирани материјали. Со презентација на Terra, дојде и до соработка со Румор. Капсулна колекција на кошули, one of a kind piece, каде секое парче е надополнето со рачно изработени детали. Традиционални занаети како ткаењето кое води до нула отпад во дизајнот и дел од техниките на манипулација на текстил се само дел што употребувам за добивање нов одржлив дизајн. Понекогаш и едно парче облека, на пример здолниште, може да се претвори само во детаљ на блуза. Mix and match на различен вид материјали е секогаш предизвик во мојата работа – вели дизајнерката.
Дел од креациите на Bastet Noir овој декември во Румор
Даниела Милошеска од самиот почеток на основањето на брендот и онлајн платформата Bastet Noir имаше цел да ги поддржи дизајнерите кои практикуваат еколошки начин на производството.
-Идејата за Bastet Noir беше започната со поддршка и онлајн пласман на локални дизајнери кои практикуваат еколошки начин на производство, меѓутоа пред две години брендот почна да функционира засебно. Го задржавме делот за поддршка на локалното производство и почнавме да работиме со жени самохрани мајки и жени микро претприемач,и сакајќи да ги поддржиме и да направиме реална промена во општеството во кое живееме. Во однос на еколошкиот начин на работа, во моментов работиме на тоа да ги замениме сите материјали кои сега ги користиме со органски сертифицирани и биоразградливи материјали, потег кој се надеваме дека ќе може да почнеме да го практицираме од 2021 година. Оваа година ги заменивме сите пакувања со еко пакувања кои се лесно разградливи и можат да се реискористат, а почнавме и да работиме со платформа за изнајмување на нашите парчиња.
Следи и соработката со Румор и сега креациите на Bastet Noir ќе се најдат и во продавницата на Румор.
-Mи се допадна начинот на кој се развива приказната за Румор, особено нивната пасија, инволвираноста во креирање на безвременски парчиња и несебичната поддршка која сакаат да ја дадат кон локалните дизајнери. Почнавме да зборуваме за одржлива мода и најдовме доста заеднички допирни точки во начинот на кој работиме и она што сакаме да го постигнеме, па решивме да почнеме да соработуваме. Од овој декември, дел од Bastet Noir парчињата ќе бидат достапни во нивната продавница и се надеваме дека тоа ќе биде почеток на подолга соработка.
Брендот на Даниела се вклучи и во социјално претприемништво и сега моделите на Bastet Noir ги произведуваат самохрани мајки. Како таа дојде до оваа идеја, што ја поттикна и колку е важна оштествената одговорност во модата?
-Откако постои Bastet Noir, основната идеја и цел позади брендот е поддршка на локални произведувачи и нивен пласман надвор од границите на Македонија. На почетокот овој дел од бизнисот не го комунициравме воопшто, не заради тоа што мислевме дека не е важен, туку затоа што мислевме дека не постои интерес. Меѓутоа како што светот стана посвесен за проблемите со кои се соочуваме кои се последница на брзата мода, самите клиенти почнаа да бараат од нас потранспарентно и етичко производство, па така решивме да почнеме да го откриваме процесот на производство и да ги раскажуваме приказните на жените кои работат за нас. Мислам дека е важно, особено во денешно време, секој бизнис да ја покаже човечката страна, она што според мене ѝ дава душа на секоја компанија. Модната индустрија е позната по својата тиранија врз луѓето кои ги произведуваат парчињата облека и затоа мислам дека е од особена важност да се инвестира во општествена одговорност како би избегнале уште една Рана Плаза. Луѓето се поврзуваат на емотивно ниво и доколку модните гиганти продолжат со игнорирање на овој проблем, новите брендови со сигурност ќе им зграбат голем дел од пазарот.
Погледнете уште неколку фотографии од новата колекција на Румор:
Нема коментари