Како специјална гостинка од Моден викенд-Скопје, македонската дизајнерка Росица Мршиќ вчеравечер одржа ревија на Српската модна недела во Нови Сад. Srbia Fashion Week, кој се одржува од 22 до 26 април, има богата програма со повеќе гостувања на светски модни имиња меѓу кои и познатиот Ејмерик Франсоа, кој е во улога на официјален бекстејџ координатор, како и предавачот Доналд Потард-поранешен генерален директор на модната куќа Jean Paul Gaultier и советник на Paco Rabanne, Kenzo Takada, Chantal Thomass, Vivienne Westwood, Alexander McQueen, Donna Karan и други.
Мршиќ се претстави со колекцијата пролет-лето 2014, која премиерно ја прикажа на неодамна одржаниот Моден викенд-Скопје. Конструктивизмот, како авангарден правец во сликарството, фотографијата, дизајнот и архитектурата (што се појавил по Првата светска војна), бил основата од која тргнала позната модна креаторка во реализиција на колекцијата. Креациите ги збогатила со воведување на избрани елементи од модниот стил на 80-тите години.
Колекцијата е составени од здолништа, кошули, панталони, фустани и палта. Основата на моделите е женственоста презентирана преку тесна фигура на кои контраст прават деталите преземени од машка облека, а целосниот изглед е дефиниран со прецизност и едноставност. Избрани се природни ткаенини од памук, свила и вискоза во чиста сина и розева боја, и комбинација од бела и црна боја за постигнување минималистички изглед на моделите. Фото: Никола Брадоњиќ
Нема коментари