Ексклузивниот Roof Bar 55 сместен на покривот од хотелот “DoubleTree by Hilton Skopje” ги отвори вратите за посетителите. Извонредниот панорамски поглед на Скопје и интернационалната гастрономска понуда на барот, го сочинуваат овој уникатен пакет на софистицираност и врвно задоволство.
“DoubleTree by Hilton Skopje”, најновиот во синџирот луксузни хотели на реномираниот бренд, официјално почна со работа на 1 јануари годинава и веќе стана дел од мапата на патувања за многу гости. Она што е особен белег на хотелите кои се дел од брендот „DoubleTree by Hilton Skopje“ е тоа што секој гостин се пречекува со традиционално колаче за добредојде, кое е домашно направено и свежо испечено, со цел уште при самото доаѓање гостите да го почуствуваат врвното гостопримство кое е главна одлика на хотелите од овој синџир.
Освен престижниот Roof Bar 55, дел од понудата на „Хилтон“ во Скопје се и ресторанот „Монте“ кој нуди интернационална кујна од 5 континенти, како и елегантен лоби бар во чиј склоп функционира и слаткарница во која може да се вкусат најразлични слатки специјалитети од целиот свет.
Реномираниот хотел располага со 170 соби, меѓу кои има 15 луксузни апартмани, од кои еден е претседателски и се простира на 200 метри квадратни. На гостите и на посетителите на располагање им се луксузен спа и фитнес центар на површина од 1.400 метри квадратни во чиј склоп се наоѓаат затворен базен, традиционална турска бања, сауна, џакузи, како и најмодерна Life Fitness опрема за вежбање прилагодена на најновите трендови во светот на фитнесот.
За деловни настани и конференции „Хилтон“ нуди 6 конференциски сали опремени со најквалитетна опрема според светските стандарди, како и елегантна сала за свечености Diamond Ballroom подготвена да прими над 600 гости.
Целиот хотел се простира на површина од 25.000 метри квадратни, со затворен паркинг кој може да прими 150 возила и со дополнителен отворен паркинг наменет за 200 возила. Изграден е од најквалитетни еколошки и енергетски најефикасни материјали, а целата инвестиција во овој хотел изнесува 50 милиони евра.
- Со отворањето на хотелот ја додадовме Македонија на мапата на над 100 земји кои може да се пофалат со хотели под најреномираниот хотелски бренд во светот. Навистина беше предизвик да се влезе во оваа приказна бидејќи мора да се исполнат највисоките светски стандарди во хотелиерството за да се биде дел од успешната приказна на „Хилтон“. Но, сега кога го гледам хотелот пред себе можам да кажам дека задоволството е огромно бидејќи изградивме хотел кој ги поставува стандардите во хотелскиот бизнис не само во Македонија, туку и во поширокиот регион – вели Даниела Адемоска, директорка и сопственичка на “DoubleTree by Hilton Skopje”.
Со отворањето на хотелот во Скопје, светски познатиот бренд „Хилтон“ кој има стогодишна историја, сега е присутен во 110 земји во светот. Под овој реномиран бренд постојат 5.500 хотели во кои во изминатите 100 години престојувале над 3 милијарди гости.
Нема коментари