Најверојатно нема помоќна и посугестивна комбинација од романтична блуза придружена со фармерки. Овој спој повикува на ноншалантност, природност, но во исто време и на женственост, елеганција, и малку француски шик изглед, што е пријатна романтична мешавина како ретко која друга во модата. Ретро викторијанскиот изглед на блузите одлично му парира на урбаниот стил на фармерките и токму во таа спротиставеност се крие најголемата заводливост. Ако на ова додадеме дека блузите и кошулите направени во романтичен стил се тренди сезонава и дека фармерките се неодминлив дел од нашата гардероба, ќе ја добиеме добитната комбинација за оваа пролет.
Романтичните блузи и широките кошули од лесни и природни материјали, со карнери, детали од тантела и со нежен цветен вез, многу добро се комбинираат со џинс, а најдобро стојат со фармерки со висока половина. Доколку сакате да ја задржите деликатната аура во стајлингот, изберете суптилни детали во неутрални, nude или пастелни тонови како пудресто розова. Но може да вметнете одреден интензитет ако блузата и фармерките ги комбинирате со црвена впечатлива чанта или груби Doc Martens чизми.
Нема коментари