Би носеле ли фустан со Јода од „Војна на ѕвездите“ насликан на него!? Или повеќе преферирате да го шетате Лук Скајвокер или C-3PO? Или златниот робот R2D2 е подобар избор? На вчерашните ревии на Њујоршката модна недела актуелни беа токму овие прашања, благодарение на претставувањето на колекцијата на брендот „Родарте“ за есен-зима 2014/15. Сестрите Кејт и Лора Маливи, кои го потпишуваат брендот, направија модни парчиња кои се однесуваат на носталгијата за нивното детство, за работите што замислуваме дека би сакале да ги носиме кога би биле помлади, или како што самите велат, колекцијата е само нивно разбирање за периодот во кој пораснале.
Родени на самиот крај од 70-тите, нивната облека го рефлектира токму тој транзиционен период од диско-ерата во стилот на раните 80-ти. Овојпат Кејт и Лора предлагаат помека, поубава и генерално поприфатлива колекција од претходната која се однесуваше на теми од супкултурата и наиде на негативни критики, но сепак не заначи дека ова е враќање на романтичните и етерични креации кои беа препознатливи на почетокот на нивната кариера. Новата колекција е составена од серија фустани од шифон, капути од светкав материјал, трикотажни парчиња на пруги, плетени апликации, необични фустани кои се пачворк од различни ткаенини и текстури, сето тоа во колоритна шема карактеристична за 70-тите – темно портокалова, зелена, виолетова кафена, боја на сенф, загасити пастелни тонови.
Главен впечаток остави персонификацијата на ликовите и гардеробата од филмскиот серијал „Војна на ѕвездите“, преработувајќи го наследството на Џорџ Лукас. Социјалните мрежи веднаш реагиираа на необичните фустани на кои се отпечатени Јода, принцезата Леја и Ѕвездата на смртта, и постираа духовите мисли од типот „Што би одбрал мојот 6-годишен син ако го пратам да ми купи фустан“, постираа „направи сам“ инструкции како да направите фустан од постелнина за спиње со принт на ликовите од култните филмови. Се јавија и „бубалиците“. На пример, Weird Space News (побарајте ги на „Твитер“) сметаат дека „Фустаните на „Родарте“ се најдоброто нешто на Њујоршката модна недела“. May the Force be with Rodarte!
Нема коментари