Уште од своите студентски денови на групните ревии на факултетот за дизајн при Европскиот универзитет, талентираниот Роберт Ивановски даде до знаење дека готиката, мистиката и хоророт се негова најголема модна инспирација. Со секоја нова креации, а подоцна и со самостојните колекциите, докажа дека има што да каже на оваа тема. Покажа дека црните модели може да бидат колоритни ако се има доволно широка имагинација. Но, кај нас, ова е мода што поминува кај помала група на клиенти, најчесто тие што негуваат рокерски и готик-имиџ. Колку и да е примамлива и уникатна, малкумина имаат храброст да облечат толку мрачни модели со силна порака. Иако во меѓувреме создаде игрива црно-бела колекција инспирирана од племињата, како и линија инспирирана од традиционалната шпанска борба со бикови, кои се приближуваат до мејнстрим модата, сепак остана верен на својот ексцентричен и авангарден стил.
Вчеравечер во подрумот на „Ауди-Порше Македонија“ , во рамки на Модниот викенд-Скопје, ја претстави својата нова колекција Wounded за пролет-лето 2014, која е инспирирана од катастрофите од војните и последиците и страдањето на невините луѓе од истите. Иако за првпат Роберт не користи црна боја, моделите беа подеднакво провокативни и мрачни. Докажа дека ако се биде истраен во идејата и ако се оди до крај во реализацијата, приказната може да биде подеднакво страшна и морбидна и со целосно бели модели. Формата на креациите е модерна, носива, со умешно осмислен дизајн. Во линијата застапени се природни ткаенини, како и еко-кожа. По својот дизајн ова е можеби најдобрата и најинвентивна линија на Ивановски.
Понудени се елеци, блузи и фустани со пеплум, како и припиени здолништа и панталони, кои имаат мрачен преврст, во средината беа обоени со црвено, како паралела со крвта од раните. Оваа раскрварена линија на Роберт е границата меѓу артистичката и практичната страна на модата. Таа линија ја подели и публиката, според едни младите креатори треба да покажат храброт и да пратат силни пораки со моделите, а Роберт го направи токму тоа. Според други, крвавата дамка беше непотребна и премногу за една колекција која претендира да биде носива. На перформансот покрај женските креации беа презентирани и машки модели, панталони, шорцеви, елеци и лелави кошули. Најмногу морници ни пролазеа кога на импровизираната писта се појавија две дечиња, со раскрварена облека. Ефектот на застрашување и театралност беше постигнат, но за жал крвавата ја покри модната приказна. (А.Н.)
Нема коментари