Принтови што се повторуваат, апстракни шари и андрогени форми ги одбележуваат новите, модели за пролет-лето 2015 на македонскиот дизајнер Ристо Бимбилоски со меѓународна кариера. Креаторот, кој работи на релација Париз-Охрид-Њујорк, неодамна на социјалните мрежи ги претстави првите креации од својата пролетна колекција за 2015, а пред неколку дена понудата ја збогати со посвежи, летни модели. Ако претходната линија ја сочинуваа креации во претежно сина боја, во новиот lookbook , снимен во летен амбиент, доминира белата боја како основа. Застапена е и темносината, црната , со примеси на виолетова и на неонско жолта боја.
Кројот се поклопува со актуелните трендови, прилагодени на препознатливиот стил на Ристо,со микс на шари и материјали, но со издрани прави линии, и минималистички впечаток. Понудени се широки здолниште-панталони, миди здолништа, шорцеви, кратки јакни и топ-маици, блузи со нагласен волумен и долги елеци без ракави. Бимбилоски, приклучувајќи се на тендецијата на поголемиот број на светски модни куќи, моделите ги искомбинира со влечки со висок ѓон. Дел од крециите се повеќеслојни и составени од повеќе од две парчиња. Тука се и неговите неизбежни плетени креации, по кој е добро познат.
Нема коментари