Дизајнерот Џон Галијано ја прикажа новата максималистичка и еклектична визија за Maison Margiela, куќата за која дизајнира од 2014 година, а во естетиката што тој ја нарекува Raw-core му помогна македонскиот креатор Ристо Бимбилоски кој веќе некое време работи како дизајнер на плетиво на женската колекција во Maison Margiela. Ревијата на куќата се одржа во Grand Palais во Париз и почна со мантил во боја на карамела и огромни плетени ракави кои потсетуваат на муф, а потоа следеа слоевити комбинации во која голема улога има токму плетивото. Колекцијата за есен-зима 2016/17 содржи и војнички капути, фустани од лурекс, модели дефинирани со големи ремени во верзија која Галијано ја објаснува како нетрадиционален пристап во модата. Некои од креациите се пола џемпер-пола фустан, дури има и два џемпери споени во еден изглед. Галијано користи и леопардов и принт што потсетува на слики, а стајлингот е финиширан со ракавици, алки од плексиглас и гломазни обувки со платформа.
Нема коментари