Македонскиот дизајнер со успешна интернационална кариера Ристо Бимбилоски стои зад плетивата на новата колекција на брендот Maison Margiela за есен 2016. Линијата, која беше претставена во рамки на Неделата на висока мода во Париз, е создадена под креативно водство на дизајнерот Џон Галијано. Нашиот креатор, кој родум е од Охрид, веќе извесно време работи за овој моден бренд, чиј главен дизајнер е контроверзниот Галијано од 2014 година.
Колекцијата, како и претходните на кои работеа двајцата креатори, се богати со динамични форми, впечатливи бои и со силна артистичка нишка. Ова е можеби најличната колекција на британскиот креатор за овој бренд, со историски елементи, и со воочлив личен израз. Креациите се заокружени со несекојдневни додатоци, шапли а ла Наоплеин, капи за собирачи на мед, транспарентни марами на глава.
Бимбилоски исто така работеше и на ресорт колекцијата за 2017 на Maison Margiela, чиј lookbook беше објавен на почетокот на минатиот месец. Ви претставуваме дел од креациите од вчерашната ревија како и фотографии од Resort 2017.
Ристо Бимбилоски e еден од нашите науспешни креатори со светска кариера. Има стекнато големо искуство во модните куќи „Кензо“ и „Луј Витон“, има соработувано со светски познатиот креатор Марк Џејкобс, и има одржано ревии во Њујорк и во Берлин. Негови модели се имаат појавувано во бројни едиторијални во познати магазини, а имале објава и на познати блогови. Креации со негов потпис имаат носено бројни светски ѕведи, меѓу кои пејачката Кети Пери, музичарката Кортни Лав, актерките Меги Гиленхал, Џена Малон, Михаела Конлин, Ејми Фергусон, трендестерката Парис Хилтон и блогерките Тави Гевинсон, Сузи Бабл, како и нашата Каролина Гочева.
Нема коментари