Познатиот македонскиот моден дизајнер Ристо Бимбилоски, кој работи на релација Париз-Охрид-Њујорк, денеска на социјалните мрежи ги претстави првите креации од својата пролетна колекција за 2015. Во тоналитетот и со шарите креациите се своевидно продолжение на неговите предесенска и есен-зима колекции за 2014. Новите парчиња се со доминантна сина боја, а се прелеваат и мешаат со корално розова, портокалова, жолта, бела и црна. Моделите се своевидна слика на разиграно море, со впечатливи флорални, трајб и апстракни принтови во стилот на 60-тите, како и апликации со човечки и животински силуети. Застапени се куси шарени здолништа и фустани во А-линија и модели со тесен горен дел што завршуваат со плисе проширување, како и блузони и маици со принтови. На дел од креациите со различни бои има испишано пораки. Панталоните се со молив форма и со должина до над глужд,а имаат црна лента во предниотдел на ногавиците. Колекцијата може да најде примена кај љубителите на улична мода, кај блогерите, но и кај тие што негуваат спој на кежуал стилот и елеганцијата. Погледнете ги новите креации.
Нема коментари