После 12 години на позицијата креативен директор на „Живанши“ и 93 реализирани колекции, дизајнерот Рикардо Тиши си заминува од париската модна куќа. Неговото заминување вчера беше потврдено од страна на „Живанши“, а во изјавата за WWD, беше кажано дека Тиши веќе ги претставил последните колекции за куќата – машката и couture колекцијата прикажани во јануари годинава. Следниот месец „Живанши“ треба да ја претстави претапорте колекцијата за есен-зима 2017/18, која поради брзото заминување на Тиши, ќе биде комплетирана од страна на дизајнерскиот тим што работи во ателејето на куќата.
-Поглавјето што Рикардо Тиши го испиша во куќата на „Живанши“ во текот на последните 12 години, претставува неверојатна визија за одржување на континуиран успех, и јас би сакал срдечно да му се заблагодарам за неговиот суштински придонес во развојот на куќата – изјави Бернар Арно, претседател и главен извршен директор на компанијата LWMH под чие сопствеништво е модната куќа „Живанши“.
Во минатите неколку месеци гласни беа шпекулациите дека Тиши се подготвува за нова позиција на креативен директор на „Версаче“. Дизајнерот е близок пријател со Донатела Версаче, дури Рикардо ја ангажираше во една своја кампања за „Живанши“. Според многумина неговата мрачна сексапилна естетика е совршена за куќата основана од Џани Версаче, кому Рикардо отсекогаш му се восхитувал. Додека шпекулацијата за новиот чекор на Тиши не е нешто ново, главното прашање е кој сега ќе го наследи во „Живанши“? Модниот свет доживеа промени во однос на трансферите на дизајнерите во модните куќи, па така Клер Вејт Келер тукушто си замина од „Клое“, слободни се и Питер Дандас, Хеди Слиман, а и Оливие Рустенг наводно е подговен да си замине од „Балман“. Трката за престижното место во „Живанши“ штотуку почна…
Нема коментари