Британската луксузна модна куќа „Барбери“ го назначи дизајнерот Рикардо Тиши за нов креативен директор кој ќо наследи Кристофер Бејли кој во брендот беше 17 години. Тиши во „Барбери“ доаѓа од последната позиција на креативен директор на париската куќа „Живанши“, во „Барбери“ почнува со работа овој месец, а првата колекција за британскиот бренд ќе ја прикаже во септември. Ова е последниот голем моден трансфер, а веста беше објавена пред неколку часа.
Во соопштението, новиот извршен директор на „Барбери“, Марко Гобети, изјави: „Рикардо е еден од најталентираните дизајнери на нашето време. Неговите дизајни содржат елеганција која е современа, а неговата вештина во мешањето на уличната со високата мода е многу релевантна за луксузниот потрошувач на денешницата. Креативната визија на Рикардо ќе ги зајакне амбициите што ги имаме за „Барбери“ и позицијата на брендот во светот на луксузот“. Гобети претходно работел со Тиши во „Живанши“.
Тиши рече дека е почестен и воодушевен од позицијата. „Чест ми е и задоволство што ќе се придружам на „Барбери“ како нејзин нов креативен директор и што повторно ќе се обединам со Гобети. Имам огромна почит за британското наследство на „Барбери“ и глобалната привлечност, и возбуден сум поради потенцијалот на овој исклучителен бренд.“
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари