Ревијата на младиот креатор Мите Занов, со која на 11. декември во Македонската Опера и Балет ќе ја презентира новата колекција „Миг”- (Moment), ќе има и хуманитарен аспект. Имено, ќе бидат собирани донации за лекување на 23-годишниот Борче Проданов кој боледува од dystrophy musculorum progressive.
-Се работи за хуманитарна помош на мој и ваш сограѓанин, 23- годишниот Борче Проданов. Неговата дијагноза е dystrophy musculorum progressive, болест која ги напаѓа клетките на мускулите, со што престанува нивната функција. Поради опасноста од премин на болеста во напредна фаза, потребно е да се продолжи со лекување во странство. Да ја покажеме нашата солидарност и хуманост. Донациите ќе можат да бидат извршени во специјализирана кутија, која ќе стои на влезот на МОБ. Искрено верувам, дека можеме заедно да направиме крајно дело, и да се врати Борче повторно во нормален тек на животот. Влезот е отворен за секој кој милува мода и уметност-вели Занов.
Како што веќе објавивме колекцијата „Миг“ (Moment), чија реализација е поддржана од Министерството за култура, како дел од конкурсот Креативни индустрии, е инспирирана од делата на македонските скулптори.
- За моделите инспирација црпев од скулптурата како уметничка дисциплина и познатите дела на значајни скулптури во македонската современа уметност како: Петар Хаџи Бошков, Јордан Грабул, Димо Тодоровски…Станува збор за дела кои сведочат за еден минат духовен потфат, траги од една бура на умот, како вертикално празнење на енергија меѓу небото и земјата, траги од молњи што се претвориле во метал или се скамениле. Бурата одминала, а трагите останале да сведочат. Присутноста, самото случување на делата, укажува дека нешто постои пред какво било значење на тоа што постои и оваа идеја може да се нарече мистична, зашто станува збор за мистерија на битието. Ритамот и рефлексијата, се само манифестации на движењето на енергијата. Ритамот е време. Времето е самото дело, миг кога делото се случува. Делото е блесок, епифанија, молња- вели Занов.
За ревијата на 11 декември, која ќе почне во 20 часот, Занов најавува посебен амбиент и специјално подготвени музика и кореографија. (А.Н.С.)
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари