Техничко мајстворство и воздушеста облека што се „движи“ е основата на новата колекција на висока мода на „Диор“ прикажана вчера во Париз. Раф Симонс, дизајнерот на колекцијата, акцентот го стави на дневната облека и коктел-фустаните, а забележавме и асиметрични парчиња, волуменозни форми, перфорирана ткаенина и архитектонски решенија. Клучниот моден код се изрезите, скоро и да не постои парче облека без дупки. Во однос на боите најмногу среќаваме црна, бела, сива и пастелни тонови, а впечаток оставија и чевлите и алките околу колената. Сумирано, моделите бликаат со младешки дух, како да се создадени за нежна современа принцеза. Иако модната публика не може да му одолее на Симонс, дел од критиката, а особено блогосфера, го постави прашањето дали дизајнерот изгуби дел од магијата. Според нив, неговата нова колекција за „Диор“ технички е извонредна, но содржи премногу репетиција на претходните сезони, естетски е дискутабилна и досадна, а исто така ја оценија како премногу нослива за висока мода. Но, Симонс вели дека зборовите интимност и реалност биле доминантни во неговата модна конверзација и дека при креирањето размислувал како да ја отфрли театралноста и модата да ја претстави на пореален начин. „Како дизајнер имам одговорност да ги постигнам и двете – да ја поттикнам фантазијата преку модното шоу, но и да додадам малку реалност во модата“, изјави Симонс за новата колекција на „Диор“. Ова веројатно е негов начин да ја модернизира високата мода, без да ги жртвува мајсторството, вештината и квалитетот есенцијлни за овој моден жанр.
Нема коментари