Со драматична музика и театрални стајлинзи битолскиот дизајнер Андреј Папаз Ѓоргиевски вчеравечер во хотелот „Мериот“ ја претстави својата нова колекција „Подем на гревот“, со што беше отворено 16-тото издание на Моден викенд Скопје (FWSK). Во свој стил, креаторот направил впечатлива модна нарација на приказната за потопот на библиските градови Содома и Гомора. Овојпат создал помрачна колекција, со доминантна црната боја, претставена во мат и сјајни варијации. Се појавуваат и сиви тонови, бела и цигла боја како освежување на целокупниот впечаток. Од материјали застапени се еко-кожа, свилен шифон, штоф, жоржет, скај и мрежа. Кроевите се раскошни, со панк и авангардни финеси и влијание од театарската костимографија.
- Колку и да сакав да побегнам од тие драматични моменти, не успеав бидејќи веројатно тоа е моја ДНК. Колекцијата инсистира на инспирацијата од која е извлечена. Се работи за еден авангарден стил, составен од носливи и помалку носливи парчиња. Веројатно колекцијата ќе го најде патот до оние со нескротлив дух, спремни за експериментирање и гладни за внимание. „Подем на гревот“ е раскошна и драматична колекција, вистинска симбиоза на библиската приказна за Содома и Гомора, поврзана со блискиот исток, како денешна територија, каде што се смета дека се наоѓале овие два града, спакувано во една современа форма окарактеризирана со провокативност и сексапил. Би сакала да им се заблагодарам на сите гости што присуствувате на ревијата и уверен сум дека уживавте во една поинаква приказна креирана од мене-изјави Папаз.
Тимот кој работеше на оваа ревија е до сега проверена за него, музиката ја направи Димитар Андоновски која имаше силен печат кај публиката. Поддржувачи на настанот се Министерство за Култура на Република Македонија, Институтот за истражување во животната средина градежништво и енергетика ИЕГЕ, Pixel print и Симпекс. Ова е второ претставување на Папаз на Моден викенд, по ланската промоција на „Враќањето на Антихеројот“.(А.Н.)
Фото: Ани и Дими
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари