Смел геометриски вез и елегантни драпирани форми, моќни костими и корсетирани фустани од свилено жерсе во бои од лаванда до индиго-сина се клучните зборови за новата колекција на висока мода на брендот „Версаче“. Грејс Џонс можеби е официјалната муза на Донатела Версаче за новите креации прикажани вчеравечер во Париз, но заштитното лице на модната куќа Лејди Гага е доминантаната инспирација за новите скапоцени тоалети што се продаваат под етикетата Atelier Versace.
-I am so fab, check out, I’m blonde, I’m skinny, I’m rich and a bit of a bitch… Ова се зборовите со кои се отвори модната ревија за колекцијата за пролет 2014 и се чини дека не можеа да бидат посоодветни. Впрочем, саундтракот е Donatella, ода на Лејди Гага за дизајнерката Донатела Версаче од нејзиниот последен албум Artpop. Се разбира, на ревијата присуствуваше и пејачката која седеше во првиот ред облечена во црн фустан со качулка, еден од мотивите на колекцијата. Таа пишува песна за Донатела, Донатела вели дека се инспирира од Гага, двете своето взаемно воодушевување го преточуваат во креација, едната музичка, другата модна.
Донатела Версаче и во новата колекција продолжува со максималистичкиот пристап во креирањето облека, употребата на светкава ткаенина и ситни кристали, елегантното драпирање, вметнување на раскошно крзно и дефинирањето на силуетата со корсетирани модели. Корсетите всушност се фокусот на колекцијата. Конструирани под облеката, тие се направени да изгледаат речиси невидливи, се состојат од база од проѕирен тул везен со кристали наредени во вид на дебела геометриски линии, што потсетува на примитивни тетоважи. Овие корсети се основата на коктел-комбинациите, како на пример асиметричниот фустан во бебешно сина боја дополнет со крзен шал, костимите со накитени сакоа и драпирани здолништа или коктел-фустаните со наметка која започнува од половината и завршува како качулка.
-Современа божица. Моќ, одлучност, сила и гламур, на ова размислував додека креирав. И како оваа жена може да ја покаже својата мека страна, да биде Версаче, бидејќи Версаче е нешто сосема спектакуларно – објаснува Донатела. Дизајнерката вели дека сака да ги комбинира традиционалните елементи на високата мода со смелите моменти од современиот живот. Таа сака жената да изгледа елегантно, но исто така и да има провокативен став.
Пролетната колекција на висока мода на „Версаче“ не би била комплетна без долгите вечерни фустани кои се измислени за шетање по црвен килим. Донатела прикажа скултпурирани и драпирани модели од свилено жерсе, но и светкави комбинезони и сирена-фустани навезени со сваровски-кристали. Серијата фустани добро ќе им стојат на Лејди Гага, Ријана, па дури и на Мајли Сајрус, но поради качулките како да се наменети за арапскте принцези и дамите од Среден Исток, впрочем и најистакнатите клиенти на високата мода. Сумирано колекцијата ги има сите заштни елементи на сексапилниот и понекогаш претеран и ултра накитен стил на „Версаче“ – висок шлиц, крзно, кристали, припиен крој и секси изрези на фустаните. Останува да видиме кој ќе се осмели да се појави во ваков модел на престојните „Оскари“!
Нема коментари