Раф Симонс со вчерашната париска ревија на која претстави колекција на висока мода за пролет 2015 на куќата „Диор“ се врати назад во средината на минатиот век и ги преработи познатите New Look тоалети, погледна и кон 60-тите и 70-тите години, и ги редефинира стиловите од три декади во визија за „Диор“-жената на нововото време. Современото видување на фустаните со симболичната силуета на New Look, воведена од самиот Кристијан Диор во 1947 година, се базира на изрези околу половината, цветен принт и богатство од бои, и финиш во стајлингот со винилни чизми во разни бои и должини.
Симонс и „Диор“ новата колекција ја претставија со драматичен мизансцен – огромен простор во склоп на музејот Роден, обоен во бело, со скелиња како сценографија и писта од розов килим. Гостите Натали Портман, Елизабет Олсен, Ева Херцигова, Мариза Беренсон, Наталија Водјанова, заедно со еминентните модни уредници седеа во првиот ред и ја следеа ревијата. Ако во едниот дел доминираа пастелни нијанси, женствени кроеви и нежни принтови, во другиот Симонс прикажува геометриски и психоделични шари, ретро мини здолништа и наметки од пластика.
И Симонс се придружува на новиот кутур-концепт, претставувајќи ја високата мода како модернистичка визија на луксузната мода, не само збир на вообичаени раскошни и гламурозни тоалети наменети за старата аристократија и дамите од високото општество. Новата „Диор“ колекција прави модерен ремиск на романтиката од 50-тите, експериментирањето од 60-тите и ослободувањето преку облеката од 70-тите, но на еден комплетно модерен јазик.
Нема коментари