Наместо во Париз каде што се одржува неделата на висока мода модната куќа „Валентино“ ја пресели публиката во Рим за да ја претстави новата кутур-колекција за есен 2015. Наречена Mirabilia Romaе што на латински значи „Чудата на Рим“, презентацијата на новите креации на дизајнерите на брендот Марија Грација Кјури и Пјерпаоло Пичоли се одржа на отворено на плоштадот Мињанели, на веднаш пред главниот, сега реновиран бутик на „Валентино“. А во првиот ред седеа актерките Гвинет Палтроу и Тилда Свинтон, пејачот Мика и колегата креатор Албер Елбаз. Присутен беше и Валентино Гаравани, дизајнерот кој токму овде во Рим, во 1960 година ја основа модната куќа.
Кјури и Пичоли кои седум години креаираат за „Валентино“, често се навраќаат на италијанското наследство, овојпат тоа е црната боја која преовладува во колекцијата и го отсликува градот. „Рим е по малку „ноар“, малку злобен“, смета Пичоли. Ревијата почна со низа црни фустани од различни материјали дополнети со впечатливи златни ѓердани. Потоа следеа црвени и златни креации, долги наметки во кои манекенките изгледаа како да се вратиле назад во времето и тукушто влегле во Колосеум, а се забележуваат антички симболи, мотив на стрела, како и на орел, симболот на царски Рим.
Нема коментари