Со цел градење регионален бренд, пет македонски и исто толку бугарски текстилни компании ќе ги презентираат своите колекции на 28 ноември (сабота) во галеријата „Безистен“ во Штип. На настанот, во организација на македонскиот Текстилен кластер во соработка со Моден викенд- Скопје, ќе се претстават македонските компании: „Астибо фешн груп“, „Амор“, „Васидора“, „Кули“ и „Ларс“, а од Бугарија ќе гостуваат: „Витал“, „Пирос“, „Нов Свет“, „Мартекс“ и Silver Day.
Ревиите се во рамки на пограничниот проект „Јакнење на капацитетите на текстилната индустрија во пограничниот регион преку учење на добри практики и имплементација на промотивни активности“, кој Текстилниот кластер од Македонија го спроведува во партнерство со Браншовата организација за текстил и облека од Бугарија.
-Целта на оваа активност е да се подигне имиџот на текстилната индустрија преку заедничко претставување на колекции на текстилни компании од Македонија и Бугарија пред публика составена од државни и образовни институции, донорски организации и останати гости. Проектот придонесува да се оценат сегашните капацитети на индустријата за текстил и облека во пограничниот регион со цел да се развијат мерки кои ќе обезбедат реални решенија за надминување на проблемите на секторот. Во следната фаза проектот предвидува изградаб на регионален бренд за настап на трети пазари, вели Наташа Сивевска –извршен директор на Текстилниот кластер.
Проектот е финансиран од Европската унија преку ИПА програмата за Погранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија, а организациона и логистичка поддршка е обезбедена и од Опшината Штип.
За шминка и фризура на моделите од модната агенција „Подиум“ ќе се погрижи салонот за убавина „Silhouette Штип“.
Нема коментари