За време на Париската недела на висока мода ревија одржа македонската дизајнерка Душица Шалева Петит која што во Париз ја развива сопствената етикета Shaleva. Таа на 26 јануари во хотелот California Champs Elysées во рамките на настанот Mode Féerie, ја прикажа својата втора haute couture колекција со 11 излези, 10 се сосема нови креации и една крзнена бунда од прата колекција, како што вели дизајнерката за потсетување и покажување на нејзиниот креативен универзум.
-Колекцијата се вика Mirror (Огледало), со цел да направи рефлексија на првата колекција, затоа и бундата беше дел. Употребени се бела, сина и сребрена боја, а инспирација се искршени огледала, јапонски градини и моите емоции. Голем дел од креациите и материјалите се рачна изработка со потпис на Shaleva и колекцијата е комплетно изработена во ателје во Париз, со помошта на мојот асистент Matteo Jamin и две шивачки – ни откри Душица, која што дипломирала моден дизајн во Париз, и сега таму живее и работи.
Таа ни раскажа дека на настанот имало 40 фотографи, водител и неколку пејачи кои што ја забавувале публиката. Реакциите после ревијата се позитивни, креациите предизвикале љубопитност и интерес за креациите. Душица исто така добила покана за ревија на финалето за Top Modèle Europe, најголемиот избор за модел во Европа, а кој ќе се одржи на 16 февруари во Брисел. На настанот дизајнерката ќе ја прикаже оваа колекција, како и четири комбинации кои ќе бидат специјално комплетирани за овој избор.
Фотографии: Remi Itz
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари