Доследна на својот стил, со елегатно, но храбро експериментирање со формите и кроевите, етаблираната дизајнерка Росица Мршиќ ја создала својата нова колекција за пролет-лето 2015. Во присуство на бројни вљубеници на модата и на работата на креаторката, новите модели беа промовирани вчера, на првата вечер од ревискиот дел на пролетниот Моден викенд-Скопје, во катната гаража „Солунски конгрес“.
Фустаните, здолништата, блузите и три-четврт панталоните, иако ја задржуваат строгоста на формата, во реализација добиваат модификации по вкус на современата жена која е во постојано движење. Дизајните се резултат на експериментирање со асиметрични кроеви и контрастни бои, а се преобразени во навидум едноставни парчиња облека, кои на места имаат повеќеслојни детали. Контрастот на чистите наспроти комплексните и впечатливи линии е нагласен со игра на белата, црната, жолтата, циклама и црвената боја, како и со ситни дезени, кои на моменти даваат ефект на прелевање.
Во целина креациите се избалансирани, истовремено дискретни и впечатливи. Ги сокриваат недостатоците, а ја истакнуваат женственоста. Секое од парчињата може да најде примена во бизнис-имиџот, во секојдневниот урбан изглед, но и во посвечените и вечерни варијанти. Во тоа допринесуваат не само кроевите и нијансите, туку и пријатните материјали, кои даваат удобност за носење во пролетните и летни денови.
Стајлизните беа умешно надополнети со чевли од скопскиот бутик ВИА, а моделите од агенцијата „Подиум“ имаа минималистичка шминка и фризура, какви што прилегаат на моделите од колекцијата пролет-лето 2015. Креациите покрај досегашните продажни места: студиото на Мршиќ, бутикот ВИА, во концептуалната продавница Lotus Design Storе и онлајн продавницата Bastet Noir сега се достапни и на интернационалните онлај продавници како Youngrepubliuc, Yeloox, Etniico и Mytrnd. Во фокусот на креаторката наредниот период ќе биде и ширење на продажбата во САД.
Моден викенд-Скопје продолжува вечерва со групна модна ревија на студентите од Факултетот за арт и дизајн при ЕУРМ наречена Артерија-Антерија и истоимената изложба на професорите од ЕУРМ, модните ревии на Ивана Цветковска, Алмир Мили, Флутура Дедиња, Ирина Тошева поддржана од My:Time и Јована Марковиќ. Вечерва ќе бидат презентирани и маичките дизајнирани од Алмир Мили и Ивана Цветковска со кои ја поддржаа кампањата „Стоп за насилството врз жените и девојчињата-сега“ на Канцеларијата на УНДП во Скопје. Веднаш по ревиите и вечерва ќе има Red Bull забава во кафулето „Концепт 37“. (А.Н.)
Нема коментари