Иако прогнозите предвидуваа дожд, и неизвесно беше одржувањето на ревијата на отворено, вчера претпладне се расчиси небото над ботаничката градина „Хорти eксперт“. Во оваа идеална сценографија, со многу зеленило, цвеќе и сонце, Мила Кадриу ја претстави својата нова проле-лето 2014 колекција. Настанот Fashion and Brunch, во рамките на „Моден викенд-Скопје“, беше замислен како модено дружење и бранч за гостите, додека пред нив во импровизираната писта меѓу зелените површини во градината дефилираа новите елегатни креации и венчаниците од ателјето на MCouture.
Линијата е претежно со долги фустани, кои овој пат беа украсени со многу детали, цветови, пердуви разиграни врз транспаретните ткаенини. Силуетата е покомотна, но сепак се наѕира, доминираат црно-белите комбинации врз шарените свили, помеѓу нив се појавуваат кремастата, розевата и боја на јоргован како освежување, а тантелата е застапена делумно. Покрај класичните модели, намемети за дами што преферираат елегантне имиџ, беа понудени и помладешки модели за поинаков свечен изглед. Стајлингот беше комплетиран со соодветни фризури, шминка и накит, кој го изработија Ивана Кнез и Бранка Данчевска кои стојат зад „Карла“. (Фото: Stylist.mk)
Нема коментари