Храбрите жени се инспирација за новата колекцијата со наслов „Prêt-à-porter féminin de luxe party deux“ на брендот „MARKOV“ што беше премиерно преставена вчеравечер во Музејот на современата уметност во Скопје. Ова е втора ревија (по таа во четвртокот) во рамки на модните вечери на студентите од Меѓународниот институт за мода „Изет Цури“, реализирани во соработка со Моден викенд-Скопје. Игор Марков кој стои зад брендот, новите 26 креации ги работеше половина година под директното менторство на Изет Цури.
-Мојата нова колекција е наменета за идеална жена како извор на постојана инспирација, личност која цени високо квалитетно изработени парчиња гардероба со маркантен печат во кој е застапен суптилен елемент на ексцентричност и доза на авангардност. Гардероба која има цел да го намами окото на набљудувачот, совршена не само за посебни пригоди и осмислена одлично да се вклопи со џинс и останати елементи од секојдневната гардероба. Мода наменета за храбри, урбани личности со силно изразена индивидуалност – вели Марков.
За шминката на манекенките се погрижи Јована Коциќ а за фризурите тимот на „Студио Леонтиќ“. По ревијата присутните се забавуваа во скопскиот ресторан „SushiCo“. Дизајнерот деновиве сними и промотивна фотосесија за настанот, на локација на новоотворениот хотел Marriot во центарот на Скопје. За фотографиите беше задолжен Горан Поповски, а позира моделот Ана Ежова. Својата прва ревија Марков ја имаше минатата година на есенското издание на Моден викенд -Скопје.
Вечерва од 21 часот ќе биде претставена колекцијата на „AMRA“ поддржана од Меѓународниот институт за мода „Изет Цури“, Француски институт во Скопје, Амбасадата на Р. Франција во Македонија и Општина Чаир.
Нема коментари