Драматичен како што се очекува, српскиот дизајнер Марко Митановски повторно се претстави на модната недела во Лондон со црна колекција заокружена со една бела креација. Моделите се провокативно, со садо-мазо конотација, доминираат припиени, но и предимензионирани форми. Се среќаваат и креации составени од врвки како кај ренесансните корсети, потоа вештачки влакна, кожа и латекс, релјефни форми кои потсетуваат на скелет, но за драматичноста допринесуваат необичните маски од кристали и пластика, (дело на Милица Стојмировиќ ), како и лицата и телата на моделите обоени во црна боја. Дизајнерот Митановски вели дека е инспириран од природатата, птиците и скелетите, како и од архитектурата и ренесансниот период. Најновата колекција за есен-зима 2015/16 Митановски имаше можност да ја прикаже благодарение на соработката меѓу Белградската модна недела и Fashion Scout од Лондон.
Пред неколку сезони Марко стана еден од најнадежните авангардни дизајнери во светот, негови креации често носеа Лејди Гага и Палома Фејт, а сега повторно се враќа на глобалната сцена. Митановски во меѓувреме продолжи да креира во неговиот препознатлив скулптурален и скоро театарски стил, а ги изработи костимите што Северина ги носеше на турнејата Dobrodošao u klub. Ова не е негова прва ревија во Лондон, во 2009 се претстави во рамките на програмата One to Watch. Веднаш потоа беше забележан од Лејди Гага и нејзиниот тогашен стилист, дизајнерот Никола Формикети, по што пејачката во повеќе наврати носеше креации од Марко. Дизајнерот постојано предизвикува големо внимание кај модната публика, а неговите креации се појавиле во Dazed, Elle, Grazia, на насловната на Q и во светски дигитални магазини.