Над 800 гости присуствуваа на ревијата на шпанскиот моден бренд „Манго“, на модното шоу „080“, што деновиве се одржа во впечатливиот Морски музеј во Барселона. Колекцијата за пролет-лето 2015 е инспирирана од 70-тите години. Претставени беа околу 35 женски и 15 машки комбинации во елегантен, но младешки стил на хипи ерата. Кај женските модели, забележително беше присуството на чипка, везови, шифон, превртена кожа и провидни материјли. Долгите здолништа и фустани и едноставните и дезенирани кимоно кошули ја доловуваат лежереноста на колекцијата за оваа сезона. Свежината на ова модно претставување беше дополнета со машките модели кои исто така во себе го носат боемскиот дух на 70-тите. Тексасот доминираше во комбинација со маици со принтови и кожни јакни.
Настанот беше проследен голем број интернационални и локални ѕвезди, меѓу кои беше секогаш шармантната Надја Оерман, која изјави:
-Особено сум возбудена за ова модно шоу. Ја сакам Барселона и „Манго“ како модерен бренд. Колекцијата оваа сезона е со хипи инспирација, а јас некогаш бев хипи девојка, такашто навистина ја обожавам!
Уште едно впечатливо лице, кое ја проследи ревијата, беше Елетра Вајдерман, ќерка на Изабела Роселини и внука на извонредната Ингрид Бергман. Таа коментираше за соработката со „Манго“:
-Отсекогаш сакав да работам со „Манго“, а ова е веќе седма или осма соработка со брендот. Како модели не секогаш имаме можност да создадеме поблизок однос со брендовите за кои работиме, но јас секогаш се чувствувам среќно при средбите и работењето со „Манго“ – фамилијата.
Нема коментари