Минималистички црно-бели креации наменети за двата пола се дел од колекцијата XYYX на македонскиот бренд за современа мода „Лудус“, што вчеравечер ја претстави во фоајето на МОБ во рамките на изложбата и промоцијата на книгата Heroes for One Day. Креациите ги носеа андрогени модели, кои кеаторот Драган Христов кој стои зад „Лудус“, ги ангажира преку онлајн кастинг.
Станува збор за елеци, мантили, блузи, кои се родово неутрални, односно безродови. Тие се прилагодуваат на обата пола и на различни тела. Направени се од висококвалитетни природни материјали, како памук и ладна волна. Парчињата се монохроматски (црно-бели) со акценти од сина боја кај додатоците. Креациите се направени со одредена идеја за личностите кои би ги носеле би се препознале во нив. На моделите има влијанија од повеќе уметности и се со урбан и футуристички тон. Неконвенционалноста како нивна заедничка карактеристика ќе им овозможи да ги адаптираат за разни пригоди, вечерни како и дневни. Акцентот е ставен на скулптурниот пристап во моделирањето на парчињата. Тие се прочистени и минималистични,а мултифункционалоста е овозможена со прилагодувачки додатоци скриени во внатрешноста. Па така, машките асиметрични памучни кошули стануваат вечерни лежерни фустани со нагласен ремен на струкот, а асиметричните здолништа се всушност широки панталони со внатрешен раб.
За шминката и фризурата на манекените се погрижи модната блогерка Мартина Неделковска. Ова беше второ претставување на колекцијата, две недели по промоцијата во рамки на„Скопје креатива“ на „Плаја виста“.
Ревијата се одржа во рамки на изложбата и промоцијата на книгата Heroes for One Day курирана од Нада Прлја и Даниел Серафимовски-вели Драган Христов. Изложбата „ Херои за еден ден, Навраќање кон три урбани артефакти на словенечките архитекти во Скопје“ е организирана од галеријата „SIA“ , под покровителство на Словенечка амбасада во Р. Македонија. Во склоп на настанот ќе биде промовирана книга, во издание на издавачка куќа „Готен“ заедно со Галеријата „SIA“.
Нема коментари