Во време кога трендовите брзо поминуваат, кога публиката е презаситена со модни понуди од сите страни и постојано трага по нешто ново, ретки се дизајнерите кои успеваат да останат доследни на себе, без да потклекнат или да се прилагодат на притисокот од пазарот. Потребна е вистинска умешност со секоја нова колекција да се биде нов, свеж и различен, а притоа да не се отстапи од својот препознатлив стил и техника на креирање. Навраќањето на своите корени и основи на изразување не мора да значи рециклирање, често може да доведе до преиспитување, подобрување и развивање на својот авторски израз. Ваква модна доследност има во секоја нова креација на познатата македонската дизајнерка Лидија Георгиева.
Плетивата, деликатните везени парчиња, милјеа, транспарентаната тантела и принтовите ја одбележуваат речиси секоја нејзина линија. А со нова енергија и приказна им се навраќа и во новата меѓусезонска колекција наречена The Colonial Spices, што вчеравечер ја презентира на Модниот викенд-Скопје. Ревијата, која почна со танцов перформанс, ги однесе присутните во преполниот салон на „Ауди-Порше Македонија“ на далечно патување, назад во 20-тите години на минатиот век, во време на британските и француските колонии во Азија. Таа направила моден спојот на Европа со ракошот на природата и традицијата на Шангај и Бомбај, користејќи ги тоновите на егзотичните зачини на ѓумбир, куркума, шафран, паприка и кари.
Креаторката, која има долгогодишно искуство во светскиот центар на висока мода- Париз, во секоја своја колекција внесува дел од препознатливиот француски шарм и кабаре имиџ, кој на само нејзе својствен начин успева да го избалансира со својата, македонска традиција. Таа врска со корените се наѕира, но никогаш не е буквално и транспаренто претставена. Иако е уникатна по свјот израз, секогаш успева креациите да ги дизајнира на универзален моден јазик. Тие се со бeзвременска нишка, таман скроени за секоја жена од било кога генерација.
Рачно изработените плетива се збогатени со доработка во вид на везени декоративни елементи. Присутни се нејзните препознатливи сексапилни фустани од тантела, модели со карнери, лелеави здолништа и блузи, повеќеслојни креации и плетени мозаици со отвори. Дел од креациите се порабени со милјеа или со реси. Овој пат линијата ја освежува со сега доста актуелните пончо-наметки, како и плетени палта. Таа умее од навидум неатрактивно парче облека-плетен џемпер, да направи секси креација, која може да се носи на свечени пригоди. Стајлинзите на манекенките беа збогатени со качулки, шапки, нараквици, како и соодветни чанти и чевли од „ВИА“.
Георгиева е позната по тоа што секогаш внимава при изборот на музиката. Таа секогаш е урбана, современа и го следи ритамот на ревијата. Вој пат амбиентот беше збогатен со одличниот музички сет, подготвен од диџеј Egotrip, алијас зад кој стои познатиот режисер Срѓан Јаниќиевиќ. Тој направи микс на музика на Руичи Сакамото, Наташа Атлас и Џозефин Бејкер.
Покрај скопската ревија, креаторката деновиве имаше успешена презентација и на Белградската модна недела (Belgrade Fashion Week) во рамки на платформата Зона 45. Пред српската публика претстави комбинација од нејзини постари линии и парчиња од новата колекција. (А.Н.)
Фото: Stylist.mk
Нема коментари