Жената, како и водата, е навидум мирна, спокојна, едноставна, ладна и совршена, но истовремено брановита, моќна и силна. Овие контрасти дизајнерката Јована Филиповиќ ги пресликала во својата нова колекција за пролет-лето 2017, со која вчеравечер го отвори 15-тото издание на Моден викенд-Скопје. Новоприлагодената сала за ревии во салонот „Порше Македонија“ наликуваше на голем моден аквариум, во кој дизајнот и водата се споија во една приказна – своевиден омаж на соработката помеѓу Филиповиќ и „Пелистерка“,која започна пред точно пет години. Водата – како инспирација за колекцијата на Филиповиќ е истовремено и најпрепознатливиот производ на компанијата.
Придружувани од класична изведба на актуелни поп и денс -хитови во живо, моделите како бранови поминуваа пред љубителите на дизајнот на Филиповиќ, познати личности, клиенти, блогерките и модните новинари. Линијата е контраст на модели, бои и текстури, богата со нежни и елеганти креации кои истовремено се минималистички, а комплексни. Во фокусот беа препозналивите палта на дизајнерката,која и овој пат ги создала од софистицирани материјали и со суптилно модерен крој. Одушевија романтичните кошули, долгите тесни, но и лелави фустани, широките и тесни панталони, моделите дополнети со корсети и лежерниот костум -пижама.
Нијансите кои произлегуваат од длабочината на океанот се пресликани во флуидните и лесни модели, бои и текстури. Покрај доминантната бела боја, која беше надополнета со златни и металик елементи, застапени се светлосината, кремаста, пудра-розова и темносина боја. Нежната водена приказна е збогатена со деликатен рачно изработен накит од „Еклектика“, брендот зад кој стојат Моника Лозановска и Александар Милев. Тие создале трендовски големи обетки и алки, кои суптилно ги дополнија стајлинзите. (А.Н.С.)
1 коментар