Модерен баланс меѓу урбаната и луксузната мода, помеѓу секојдневната елеганција и храбриот вечерен изглед создала младата дизајнерка Јована Филиповиќ во својата колекција есен-зима 2014/15 што ја погледнавме вчера, на отворањето на Моден викенд-Скопје во „Мала станица“. Приказната Where The Wild Things Are (Таму каде што се дивите нешта) е зрело согледување на модните потреби на современата жена, која истовремено е емотивна, борбена, динамична и амбициозна.
Филиповиќ направила креации со минималистички кроеви и чисти форми, зачинети со благ сексапил и доза на носталгија, кои ја скротуваат дивата страна на жената. Кротката и поетична страна на жената ја претставила преку меките метеријали и лелеавите форми, додека доминантната, силна страна е пресликана преку строгите линии и безгрешниот крој. Како своевидна асоцијација на дивата страна се парчињата крзно и моделите со животински принт, кои со дискретна, но соодветна примена ѝ даваат нова динамика на колекцијата. Употребени се квалитетни материјали свила, кашмир, волна, памук и монохроматски бои.
Јована, која важи за една од најталентираните македонски креаторки од новата генерација, на ревијата, поддржана од Bauerfiend, лансира и неколку парчиња и на машки модели. Со нив ја комплетира својата „љубовна приказна на сафари“. Машките креации одлично се вклопуваат во замислата на дизајнерката за современа приказна. Понудени се урбани машки капути, кошули и панталони со модерен крој, нешто што недостасува на нашата машка модна сцена. Колекцијата е исчекор напред во работата на Филиповиќ, која досега имала неколку успешни претставувања на Моден викенд-Скопје. (А.Н.)
фото: Stylist.mk
Нема коментари