По неколкудневниот маратон со ревии на домашни и регионални дизајнери кои претставија мејнстрим, носиви колекции за секојдневни и свечени прилики, десеттото издание на Моден викенд-Скопје доби сосема поинакво финале – со висока мода. Во футуристичкиот амбиент на Телеком иновацискиот центар во Скопје вчеравечер се одржа ексклузивната ревија на младата, но веќе добро позната српска дизајнерка Ивана Пиља. Креаторката ја претстави својата колекцијата Semi Song, во која прави успешен експеримент со нови форми на костум, притоа останувајќи доследна на својот авангарден стил и естетика.
Линијата, која покрај промоцијата во Белград лани беше презентирана и на Модната недела во Лондон, е инспирирана од јапонскиот инсект цикада, локално наречен Семи – интензивно, ситно и чудно суштество… Од нејзините модни интерпретации на овој инсект истовремено ви пролазуваат морници, но и останувате одушевени. Костимите изработени до совршенство нудат паралелна реалност, во која хуманоиди инсекти чекорат меѓу луѓето. Оваа колоритна фантазија се отсликува со секој модел, кај кои покрај впечатливата геометриска форма, во очи паѓаат и реалистичните принтови. Тие како ренгени ја прикажуваат внатрешноста на инсектот и човекот. Моделите, како подвижни скулптури, беа комплетирани со смела шминка и впечатливи фризури, кои ја заокружуваат драматичната приказна на креаторката.
Пиља, која често ја наоѓа инспирацијата во јапонската култура за пошироката јавност е позната по соработката со светски познати изведувачки како Лили Ален и Дита Вон Тис. Има работено во компании за спортска и улична мода. Иако во својот израз доста потсетува на покојниот моден гениј Александар Меквин, како и на младите Герет Пју и Марко Митановски, таа има свој препознатлив белег и своја публика. За нејзинара работа има добиено многи признанија, меѓу кои е и наградата на магазинот ELLE за најдобра колекција. Натали Гролиманд, пак, во својата книга Fast Forward Fashion: Where Fashion Defies Function ја вброја меѓу најнапредните дизајнери.
Во Скопје гостуваше преку соработката на Моден викенд-Скопје со Белградската модна недела во рамките на проектот „Зона 45“ , преку кој се врши размена на дизајнери од регионот.
Со оваа ревија заврши официјалниот дел од јубилејното издание на Моден викенд. Во петок (31.октомври) следува ревијата на дизајнерката Росица Мршиќ, која е во офф-програмата, а во текот на наредниот месец нè очекува и шоуто на Мила Кадриу – двете во организација на тимот на Моден викенд. (А.Н.)
Фото: Stylist.mk
Нема коментари