Белгискиот дизајнер Дрис Ван Нотен претстави своја верзија на 40-тите години преку колекцијата за есен-зима 2014/15 прикажана вчера во рамките на Париската модна недела. На женствената силуета што ја предлага за следната сезона, тој додава широк крој и волуменозни форми преку здолништата што се шират во долниот дел, скоро торбестите, но елегантни панталони, блузите со широки ракави и палтата кои ја продолжуваат тенденцијата на широки и раскршени форми кои владеаат на модните писти, но и во уличната мода.
Најспецифичен дел од колекцијата на Ван Нотен е украсувањето и магичниот спој на бои и шари. На облеката среќаваме брошеви во облик на големи цветови, дел од парчињата се со сребрени пулејки, а има и детали од крзно и ѓердани кои наликуваат на гранки со цветови. Клучен момент е употребата на интензивни бои, цветен дезен и графички шари, онаму каде што Дрис е најдобар – микс на бои во кои преовладува пурпурно виолетовата, впечатливи цветови во сите форми и контрасти пруги инспирирани од оп-арт уметницата Бриџет Рајли. Вистински визуелен шок, но кој сепак изгледа крајно носливо и привлечно.
Нема коментари