Модниот викенд-Скопје во изминатите десет сезони се покажа како добра платформа за промоција на нови дизајнерски имиња. На оваа манифестација се појавија голем број на таленти, меѓу кои и некои од денеска најглавните играчи на домашната модна сцена. Во саботата во салонот „Ауди-Порше Македонија“ се претставија три нови имиња: Модната куќа „Хера“, која понуди свечени фустани за романтична вечер, младиот и драматичен Златко Јовановски, кој под својата етикета JZJ ја промовира колекцијата „Страшниот суд“ инспирирана од славниот уметник Микеланџело, како и Андриана Динева, која работи под брендот „Куфер“, што беше најветувачкото деби на вечерта.
Динева, која ја отвори вечерта, самоуверено ја лансира својата колекција Timeless за есен-зима 2014/15. Колекцијата е богата со безвременски парчиња кои одговараат на различни типови на жени и за сите генерација. Нејзините креации, кој имаат крој инспириран до модата во 50-тите, 60-тите и 70-тите години, се женствени, елегантни и динамични, со есенски тонови и направени од материјали погодни за престојните студени денови. Застапени се капути, миди здолништа, фустани во повеќе должини, шорцеви, комбинезони и долги широки панталони. Иако можеби нема голема авторска интервенција во дизајнот и инсистирање линијата да се врзе со актуелните трендови, сепак оваа колекцијасе издвои како целина, со комплетните стајлинзи ( надополнети со шешири, очила и нараквици) и прилагодливоста на моделите за повеќе стилови и пригоди. Токму таа повеќенаменска страна на моделите и новниот суптилен микс од повеќе ери, ги прави безвременски. (А.Н.)
Фото. Stylist.mk
Нема коментари