Во ритамот на препознатливи композиции од Кирил Џајковски, со детали од македонскиот фолкор и во духот на македонските револуционерки, дизајнерката Силвија Михајловска, вчеравечер ја претстави својата модна интерпретација на една од највпечатливите жени во нашата литература, Калеш Анѓа. Ревијата, која го означи почетокот на третата вечер на 16-тото издание на Моден викенд Скопје во хотел „Мериот, иако во доминантни црна и црвена боја, донесе шаренило од форми, комбинации и динамична игра со кроевите. „Алшар“, брендот зад кој стои Михајловска, повторно се покажа нако „моден рудник“ богат со идеи.
Кроевите и формите на 23-те креациите се авангардно видување на македонските носии и облеката на револуционерите, претставени со асиметрични форми, со нагласен волумен и детали црпени од фолклорот преку апликации во форма на баклави, реси, метални копчиња, и метални патенти, како асоцијација на редениците куршуми, но сè изведено во многу современ концепт. Креаторката во колекцијата за есен-зима 2017/18 направила суптилен баланс меѓу мекоста на кадифето и дефинираноста на еко кожата, а некаде помеѓу игра со памучен кепер. Црната боја како симбол на бунтовниците и црвена како страст за сè што се бориме-содејствувајќи со карактерот на Калеш Анѓа од истоимената книга на Столе Попов. Во колекцијата провејуваат кроеви и принтови, како што се фустан-мантилите со асиметрична форма и модели ишаран како со уметничка четка, кои се препознатливи за „Алшар“.
Моден викенд Скопје ќе биде затворен вечерва во „Иновативниот центар на Македонски Телеком“ со мултимедијална презентација на Ирина Тошева поддржана од topsi.mk.
(А.Н.)
Фото: Ани и Дими
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари