Во рамките на Лондонската недела на машка мода колекција за сезоната пролет-лето 2015 претстави и брендот KTZ, зад кој стои македонскиот дизајнер со светска слава Марјан Пејоски. Дизајнерот продолжува да креира во црно-бело, за во завршницата да ја инкорпорира и портокаловата боја. Тематски ориентиран на античкиот свет, на гладијатори и императори, но и референци на боксерски натпревари, новото племе на KTZ ќе носи здолништа, масивни ѓердани, туники со впечатливи принтови, шорцеви и наметки кои потсетуваат на оние боксерските, како и модели со мноштво логоа и написи кои веќе се карактеристични за брендот.
„Како што Персеј се борел против Минотаур, така денешните урбани воини се наоружани со технологија и нивното бојно поле е улицата“, напиша Пејоски во соопштението за медиумите. Се чини дека дизајнерот го разбира современиот маж и неговите стилски потреби, а во конечната верзија за модерен господин вметнува доста хумор, па дури и иронија. Како поинаку да се сфати кога еден Македонец креира монохроматско здолниште, гипсан корсет, гломазни сандали и тежок златен ланец во кои се гледаат грчки рефернци!?
Во колекцијата вметнати се и интригантни детали како ѓердани со огромни привезоци со антички ликови или од големи монети, орнаментика од антички вази, модерна верзија на гладијаторски сандали и императорски шлемови. „Ова е е за урбаниот воин во секој од нас“, порачува Пејоски со својата нова машка колекција.
Нема коментари