Во автентичниот амбиент на Музејот на Македонија, покрај постановките со нашите традиционални носии, вчеравечер дефилираа современите модни рефлексии – дизајни на 12 наши етаблирани креатори. Настанот „Made in Macedonia: Cовремен дизајн накитен со минатото” беше во организација на Македонскиот велком центар „Добредојде“ и Амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џез Л. Бејли, а по иницијатива на неговата сопруга, Кејпи Полк Бејли.
-„Музејот на Македонија има извонредна колекција на традиционална македонска облека. Сакам да ги поддржам нивните напори за зачувување, заштита и промовирање на образовната вредност на овие културни предмети. Впрочем, нашата облека и ткаенините раскажуваат приказна за историјата, животот и за културата насекаде во светот. Сфативме дека модерниот дизајн може да создаде ново културното наследство и да го зачува старото преку креативност, стил и додавање на современа нишка. Дизајнерите се и отсекогаш биле уметници, претприемачи и огледала на културата и традицијата -изјави г-ѓа Бејли на отворањето на ревијата.
Писутните гости, претставници на Владата и дипломатската елита, академици, историчари, новинари, познати имиња од повеќе области на бизнисот, културата, модата и музиката можеа одблизу да ги погледнат креаците на Алек Бимбилоски (Rumor), Лидија Георгиева, Нела Тодоровска (Mariguccha), Роберт Ивановски, Росица Мршиќ, Антонија Ристовска, Силвија Михајловска („Алшар“), Никола Булески- Буле, Олгица Ѓоргиева, Тања Кокев, Ивана Кнез („Драма“) и Никола Ефтимов.
Тие се претставија со по три модели , дел од нив наменски креирани за оваа ревија, дел со парчиња од актуелните колекции, а други се навратија на своите препознатливи дизајни од претходни линии, покажувајќи дека свесно или несвесно македонската традиција суптуллно се проткајува во нивното творештвото .
Дека фолкорот е непресушен извор на инспирација за современиот дизајн , дури и во најавангардните и футуристичките модни дизајни се виде во секој од претставените модели. Дел од нив наменски го оживуваат традиционалниот вез, давајќи му модерна и актуелна модификација, а дел дискретно се потсетуваат на носиите на нашите предци. Во основата на сите се белата ткаенина и црниот и црвен конец со кој се везе нашата историја . Креациите, иако го носат бремето на историјата , сепак, со леснотија се движат во чекор со актуелните трендови и потреби на современата жена и маж. Погледнавме широка палета на креации, од минималистички дизајни, бизнис-парчиња, преку кежуал модели, плетива, артистички модели, па сè до свечени фустани, венчаници и раскошни дизајни-покажувајќи ги сите лица и улоги на моденото живеење. Презентацијата беше збогатена со соодветна музика-познати современи интерпретации на традиционални нумери.
Ова беше прв ваков настан организиран од “Добредојде“ Македонија Welcome Center, а се најавуваат и други.
-Драго ни е што за првпат во Македонија организираме модно шоу коe претставува спој на културното наследствосо најновите модни трендови. Очекуваме во иднина овој настан да стане и традиција“ изјави Емилија Миладининова Аврамчева, претседател на “Добредојде“ Македонија Welcome Center. (А.Н.С.)
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари