Еден од најуспешните австралиски модни дизајнери Тони Матичевски вчера во рамките на модната недела во Сиднеј ја претстави колекцијата за сезоната пролет-лето 2015/16. Креаторот роден во Мелбурн во македонско семејство прикажа уште една успешна колекција за која новинарите и блогерите напишаа „Величествено“, „Тони Матичевски уште една докожа зошто е мајстор на австралиската висока мода“ и „Најпрекрасната ревија што Сиднеј ја има видено“. Матичевски претстави скулптурална и софистицирана колекција која зрачи со елеганција и иновативност во кроевите. Тој ја ремодернизира силуетата карактеристична за средината на минатиот век преку футуристични ткаенини и спортски елементи. Вообичаено дизајнерот употребува црна, бела и сива боја, а овојпат вметна и златна боја и светкави материјали. Кроевите се имагинативни, со многу преклопи и деконструктивни елементи, но крајно елегантни и женствени. Во колекцијата нуди и серија на вечерни фустани кои се движат од златни и припиени до цветни и волуменозни. Покрај обетките и ѓерданите со топчиња, златниот куфер како детаљ, повеќето манекенки во рацете носеа кристални топки. На ревијата на Матичевски беа забележани и познатата модна уредничка Кристин Сентенера и супермоделите Џема Ворд и Никол Трунфио. (K.T.)
Нема коментари