Камелеонските трансформации на Дејвид Боуви помешани со боемскиот дух од 70-тите и со секаксапилен глам-рок стил, реализирани преку препознатливиот израз на дизајнерот Том Форд е суштината на неговата последна колекција за пролет-лето 2015. Американскиот креатор кој во последниве сезони се прикажува на Лондонската модна недела, се врати наназад неколку децении, но користејќи ги референците од минатото прикажа сексапилна облека за рокерките од иднината.
Иако во колекцијата доминира црната боја, златото, среброто и секој вид на металик ткаенини се следното нешто што се забележа на пистата кај Форд. Силуетата на моделите го следат женското тело, а повеќето од креациите се припиени, транспарентни, покриени со панели да ги сокријат стратешките места. Стајлингот е сосема глам-рок со разбушавени фризури во стилот на Џоан Џет и нагласени smokey eyes, со платформести сандали и чанти со големи токи.
Дизајнерот редовно игра на картата на провокација, што овде се забележува со висок шлиц на здолништата, сосема проѕирни материјали, збир на пулејки наместо градник. Иако Том Форд неспорно е еден од најзначајните модни дизајнери на денешницата, оваа колекција не само што реферира на дизајните на Хеди Слиман кај “Сен Лоран“, туку потсетува на рециклирање на сопствените колекции од времето кога работеше како креативен директор на „Гучи“.
Нема коментари