Тони Матичевски вчера ја отвори Модната недела во Сиднеј со својата нова ресорт колекција, спој на бестежински тоалети со безброј набори и садо-мазо референци. Матичевски, кој има македонско потекло, повторно ја одушеви модната публика и со право се смета за еден од најталентираните австралиски дизајнери. На ревијата на стартот на Мercedes-Benz Fashion Week Australia 2016, манекенките прошетаа по белата модна писта во салата Cutaway во комплексот Barangaroo, облечени во креации со секси проѕирни изрези во доминантни црно-бели комбинации и креации во пудресто сина боја, дополнети со провокативен накит позајмен од BDSM иконографијата. Во новата колекција за сезоната ресорт 2017 Матичевски ги спојува своите препознатливи заносни дизајни кои како да доаѓаат од нечиј сон со далеку посмели, пренагласени изрези и елементи како секси лисици и гломазни S&M ѓердани. Повторно си игра со пропорциите, необичните набори и металик финишот, но овојпат како да е инспириран од „својот внатрешен мрачен дел“ кој се судира со етеричноста и флуидноста карактеристочна за неговите дизајни. (K.T.)
Нема коментари