Триумфално враќање на Џон Галијано на врвот или само дадена шанса да го продолжи креативниот израз на модната куќа основана од мистериозниот белгиски дизајнер Мартин Марџела!? Ова е прашање кое допрва ќе се анализира, одговорот веројатно ќе биде дека стануза збор за микс на генијалноста на Галијано со естетиката зацртана во модната куќа за која сега твори. Осрамотениот британски дизајнер вчера во Лондон претстави artisanal колекција за Maison Martin Margiela, каде што е назначен за креативен директор, а која претставува смела комбинација на екстравагантната естетика карактеристична како за Галијано, така за Марџела. Ревијата за Maison Martin Margiela наместо во Париз се одржа во завршетокот на Лондонската недела на машка мода. Поддршка на Галијано на презентацијата во Лондон му дадоа повеќе гости и негови пријатели, па во првиот ред седеа Кејт Мос, Маноло Бланик, Кристофер Бејли, Албер Елбаз…
Четири години по последното претставување на модна писта, Галијано ја склопи првата artisanal колекција за куќата на Марџела, односно колекција со принципи на висока мода, но без поврзаност со законот на париската комора за висока мода. Првата работа што се забележува е деконструкцијата, еден од главните принципи и на двајцата дизајнери, Марџела и Галијано. Па гледаме серија на палта со испревртен крој, волнени капути во скарлетно црвена боја со интригантни апликации, транспарентни фустани под кои ѕирка леопардов принт, 3Д очи закачени на фустан, слоеви шифон обликувани во модни парчиња, доминација црвената, црната и животинскиот принт, препознатливи маски за лице… Галијано секако тргнува од принципот на преправено и испревртено на Марџела, но го испорачува во свој стил преку елегантни, но сложени креации. Ако во претходниот „моден живот“ Галијано на крајот од ревиите драматично излегуваше и позираше со манекенките, сега во финишот се појави облечен во бел мантил и скромно се поклони пред публиката. А првите реакции од публиката и критиката се „Брилијантно шоу“, „Џон Галијано се врати“, „Колку Марџела, толку Галијано“. Аплауз, и спознание дека куќата Maison Martin Margiela е во сигурни раце! (К.Т.)
Нема коментари