Мотив на цртежи и уметнички слики, зимска цветна градина, готски стил со естетика на Дракула, арт правци и интензивни бои, ова се само деле од тенденции што дизајнерите ги предложија за сезоната есен-зима 2015/16 во Лондон.
МЕРИ КАТРАНЗУ
Препознатлива по принтот дизајнерката овојпат ја нагласува текстуратата на ткаенините, како гравирана кожа, пластични апликации, електични влакна, релјефен дамаск, тродимензионални квадрати. Катранзу е инспирирана од уметничкиот стил horrorvacui и „стравот од празно“, и прави колекција од футуристички материјали и строги геометриски форми, во комбиација со тантела и цветен принт.
ЏАЈЛС
Џајлс Дикон претстави силна колеција која го следи готскиот стил, со доза на Дракула, елизабетански околувратници, шик црни капути, наметки и фустани украсени со панделки, принтови на блуриран накит и на ренесански слики, заокружено со манекенки со усни обоени во црно и писта украсена како ботаничка градина.
КРИСТОФЕР КЕЈН
Сè почнува од цртежот и тоа добро се гледа во новите креации на Кејн кои претставиваат облека украсена со мотив на цртежи и скици. Во колекцијата внесува заводливост и сензуалност, како и доза на секскапил ослободен од вулгарноста. Тој негов пигушен секскапил испреплетен е со кадифе и тантела, во широка палета на бои во која доминираат црвената и сината.
ЕРДЕМ
Металик, брокат, тантела, леопардов принт, тродимензионални апликации, лелеави набори, цветен дезен…. Колекцијата на Ердем Моралиоглу прави спој на повеќе кроеви, ткаенини и принтови, а прикажана е на писта уредена како дневна соба од 50-тите години.
РОКСАНДА ИЛИНЧИЌ
Белграѓанката со лондонска адреса за следната есен предлага многу крзно и интензивни бои и стилови инспирирани од 70-тите. Роксанда овојпат е инспирирана од чувствата, природата, есенскиот шумски призор и филмот „Горчливите солзи на Петра фон Кант“, сторија за комплицираниот емотивен живот на една модна дизајнерка.
МЕТЈУ ВИЛИЈАМСОН
Инспириран од зодијакот, камењата и раѓањето на цвеќињата, Вилијамсон претстави модни парчиња со цветен дезен, принт на галаксијата и извезени хороскоспки знаци. Притоа дизајнерот користи богати бои на скапоцени камења како аметист, топаз и други интензивни нијанси.
Нема коментари