Топли креации, капути и фустани што ја следат линијата на телото и ги нагласуваат женственоста беа претставени на ревиите на Дејан Тодоровиќ и „Elezi Paris“ вчеравечер на Моден викенд-Скопје.
Тодоровиќ,за кој ова беше втора презентација на Моден викенд- Скопје, ја прикажа колекцијата “Look@me”. Линијата е инспирирана од женската убавина која го привлекува вниманието сама по себе со погледите вперени кон неа. Тој направил палета од мантили, капути и фустани во А форма и во стилот од 50-тите. Впечатливи беа пелерините и наметките без ракави. Покрај еднобојните сиви, црвени, бели и црни парчиња, застапени беа и креации со принт. Стајлизните беа надополнети со големи шешири.
Во новата колекција на брендот „Elezi Paris“, зад кој стои креаторката Флора Елези, доминираат топлите есенски бои со нагласени златни и сребрени тонови. На пистата дефилираа модели со балони в раце носејќи фустани во различни форми и должини. Креаторката користела свила, кадифе и чиста волна, кои ја истакнуваа сексапилната, но и нежна страна на жената.
Нема коментари