Дизајнерот на машката линија на парискиот бренд „Луј Витон“ Ким Џонс вчера во Париз ја претстави новата колекција за пролет-лето 2015 која што е омаж на неодамна починатата Луис Вилсон, неговата менторка од престижната школа „Сент Мартинс“ и на егзотичниот свет на Индија. Модната писта во модернистичкиот салон во паркот Ситроен беше надополнета со сценски реквизите што потсетуваат на познатата опсерваторија Џантар Мантар во Џајпур, а новата машка колекција и во другите елементи ни реферира на Индија преку портокаловата и бојата на циклама, облеката од свила и стаклените украси на палтата.
Ким Џонс неодамна престојуваше во Индија и затоа не изненадува неговата колекција скроена како за модерни махараџи. Колекцијата можеби во срцевината е составена од свилена облека во боја на циклама или комплети во интензивно сина боја, но во неа ќе се сретнат и авијатичарски стилови, малку спортски шмек, па дури и хиперлуксузни парчиња со доза на италијанска елеганција. Дизајнерот вешто игра со буквите L и V од логото на брендот и прави ретро графички шари во нивен облик. Од деталите впечаток оставија ремените, некои од нив заврзани околу половината, часовниците со компас за вечните глобтротери, а дел од лукзуните чанти се украсени со астрономски детали.
Нема коментари