Колоритни мантили, типографски принтови и кожени поштарски чанти е резимето на новата машка колекција на Кростофер Бејли за славниот британски „Барбери“. Дизајнерот и првиот човек на брендот вчера ги прикажа моделите за пролет-лето 2015 во лондонски Кенсингтон Гарденс, пред публиката составена од Дејвид Ганди, Ник Гримшо, Тини Темпа и Џордан Дан. Вообичаено, ревиите на „Барбери“ се пропратени со музика во живо, овојпат настапи Бенџи Клементин.
Првата работа што ја забележувате се шапките со недефинирана форма и се прашувате дали Фарел Вилијамс е инспирација за овој детаљ. Потоа продолжувате со модернистичката верзија на традиционалниот барбери-мантил реинтерпретиран во различни бои. Впрочем, Бејли во последниве години фасцинира со неговата способност за реинвенција на трендови без да ја наруши традицијата и наследството на брендот основан во далечната 1856 година.
Новата колекција е наречена е „Корици од книги и Брус Четвин“ со што се открива инспирацијата - обвивки од стари британски книги и Четвин, легендарен автор на книги за патување – што е преведено преку оригинални илустрации и типографски принтови испечатени на облеката на „Барбери“. За идната пролет Бејли покрај задолжителните мантили предлага неколку видови сакоа и палта, а за првпат и џинс јакни. Во однос на боите Бејли креираше со повеќе специфични тонови како тиркизна, портокалова, нијанси на бордо и црвена, темно зелена и боја на модар патлиџан, а кај деталите, пкрај шапката и огромните торби во вид на школски чанти, предлага големи ранци и шарени патики.
Нема коментари